Во Службен весник на РСМ број 77 од 6 Април 2021 година е објавен Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите.
Царинската управа ве известува дека со овој Закон се вршат следните измени и дополнувања:
– Се врши прецизирање на роковите за поднесување на акцизна декларација и плаќање на акцизата од страна на лица кои не се регистрирани во електронскиот Регистар на акцизни обврзници, а поседуваат, произведуваат, тргуваат, складираат, чуваат, преработуваат акцизни добра. Овие лица стануваат акцизни обврзници и треба веднаш да поднесат акцизна декларација во компјутерскиот систем на Царинската управа (СОЦДАД) и најдоцна во рок од пет дена од прифаќањето на акцизната декларација да ја платат акцизата согласно посебните одредби кои се однесуваат за наведените акцизни добра од Законот за акцизите.
– Се прецизираат одредбите кои се однесуваат на гаранцијата за обезбедување на акцизниот долг во постапка на акцизно складирање и акцизно повластено користење при што гаранција нема да се бара во случаите кога имателот на одобрението за повластен корисник е државен орган, јавна, научна или образовна институција или јавна здравствена установа. Се пропишуваат и одредби за утврдување на понизок износ на гаранција и употреба на готовински депозит за обезбедување на акцизата, рок за важност на банкарска гаранција, враќање или ослободување на банкарска гаранција и готовински депозит. Во овој закон се пропишуваат и обврска за доставување на гаранција за обезбедување на акцизен долг кој може да настане за обврзниците за електрична енергија, природен гас, јаглен, кокс, лигнит и нафтен кокс кои пред издавањето на одобрението треба да поднесат гаранција за обезбедување на акцизниот долг кој настанал или кој би можел да настане.
– Истовремено, обврската за поднесување на гаранција за обезбедување на акцизен долг кој може да настане од страна на приватните здравствени установи кои се иматели на одобрение за повластен корисник се одложува до 01 јануари 2022 година.
– Се врши допрецизирање и дополнување на членовите 61 и 87 од Законот за акцизите кои се однесуваат на акцизните марки за обележување на меѓупроизводи и жестоки алкохолни пијалаци и тутунските производи, при што акцизните марки за обележување на пури, цигарилоси, тутун за пушење, други тутунски производи и течност за полнење на електронска цигара се пријавуваат и издаваат во количина од најмалку 500 парчиња, а во случаите кога се користат ексклузивни серии, ограничени количини наменети за промотивни цели или рачно изработени пури надлежниот царински орган може да одобри издавање на акцизни марки во број помал од 500 парчиња.
– Се транспонираат одредбите од Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите* за време на вонредна состојба (,,Службен весник на Република Северна Македонија” број 86/2020, 105/2020, 125/2020 и 169/2020), односно се пропишува износот и нов начин на пресметка на акцизата за безоловен бензин со содржина на олово до 0,013 грама на литар од тарифните ознаки 2710 12 31 00, 2710 12 41 00, 2710 12 45 00, 2710 12 49 00, 2710 12 51 00 и 2710 12 59 00 и за гасно масло како погонско гориво и како гориво за греење од тарифните ознаки 2710 19 43 00, 2710 19 46 00, 2710 19 47 00, 2710 19 48 00, 2710 20 11 00, 2710 20 15 00, 2710 20 17 00 и 2710 20 19 00. Се врши изедначување на износот на акцизата на гасното масло наменето како гориво за греење со акцизата на гасното масло како погонско гориво при што се пропишува враќање на дел од платената акциза. Со оглед дека Законот стапи во сила со денот на објавувањето во Службен весник, имателите на акцизна дозвола и увозниците на енергенти имаат обврска да направат попис на залихите и да извршат доплата на акцизата.
– Во Законот за акцизите се додаваат два нови члена 98-а и 98-б кои се однесуваат на враќањето на дел од платената акциза за обележаното гасно масло наменето за греење во домаќинствата и обележаното гасно масло употребено во процес на производство или како додаток на друг енергент како гориво за греење во индустријата, како и начинот и постапката за остварување на правото за враќање на дел од платената акциза за обележаното гасно масло наменето за греење во домаќинствата или употребено во процес на производство или како додаток на друг енергент како гориво за греење во индустријата.
– Се одложува примената на одредбите од членот 13 ставови (1) и (2) од Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите („Службен весник на Република Северна Македонија” број 275/19 од 27.12.2019 година) до 1 јануари 2022 година, а кои се однесуваат на производителите и увозниците на вино и акцизните обврзници за електрична енергија, природен гас, јаглен, кокс и лигнит.
Текстот на Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите е објавен: ТУКА